Foto Kino Klub TETOVO - Photo Cinema Club TETOVO - FKK TETOVO - Chkrap



УБАВА МАКЕДОНИЈА

links to this post 0 comments



Конкурс за изложби на фотографии во Швајцарија
УБАВА МАКЕДОНИЈА – 100 фотографии
УБАВ БАЛКАН – 40 фотографии



Јужнословенскиот културен форум од Швајцарија во соработка со Фото сојузот на Македонија објавува конкурс за избор на фотографии за гореспоменатите изложби.

Конкурсот има за цел на нашите домаќини во Швајцарија да им покажеме како ја доживуваме Македонија, но и да ја поттикнеме комуникацијата и размената на позитивните искуства за нас во Швајцарија.

Се работи за две изложби:

Изложбата УБАВА МАКЕДОНИЈА ќе ги претстави културните, историските и природните убавини и вредности на Македонија. Треба да се одберат 100 фотографии, од кои 40 ќе бидат одбрани за изложбата УБАВ БАЛКАН, на која изложба ќе учествуваат и други земји – главно од поранешна Југославија.

Двете изложби ќе им бидат понудени на разни институции во Швајцарија во текот на 2008 година.

Правото на учество на конкурсот не е ограничено, што значи дека можат да учествуваат сите фотографи од Макеонија, аматери или професионалци.
Еден учесник може да учествува со повеќе фотографии, но пожелно е да не бидат повеќе од 6 фотографии.

Фотографиите можат да бидат во боја или црнобели, за принт подготвени исклучиво во дигитален формат (205х305мм, 300 dpi). Одбраните фотографии ќе бидат изработени во формат 205х305мм од страна на организаторот на изложбите.

Секоја пратка со фотографии (e-mail или CD) треба да има пријавница со податоци за авторите и фотографиите, каде и кога е снимена фотографијата.
Види тука

Организаторот ќе ги извести авторите каде и кога ќе се одржат изложбите, а ќе се отпечати и каталог кој ќе им биде доставен на учесниците на конкурсот.
Жирито во состав:

1. Драги Неделчевски (ФКК Чкрап! – Тетово
)
2. Дејан Гилески (ФК Елема – Скопје) и
3. Раде Луковиќ (ФК Елема – Скопје), ,
ќе ги прегледа и избере фотографиите за изложбата УБАВА МАКЕДОНИЈА – 100 фотографии и од тие 40 ќе избере за изложбата УБАВ БАЛКАН.

Фотографиите во електронски формат, со димензии споменати погоре во конкурсот, заедно со пријавницата може да се достават на e-mail:
- chkrap@gmail.com или
- r.lukovic@fersped.com.mk или
- gild@mt.net.mk
најдоцна до 15.04.2008 година, со назнака во субјект – УБАВА МАКЕДОНИЈА, или лично снимени на CD кај било кој член на жирито.


Последен рок за прием на фотографиите во Швајцарија е 20 април 2008 година.
За сите дополнителни информации обратете се на e-mail fkktetovo@gmail.com
или zahorec@swissonline.ch





На 29 март 2008 година се одржа состанок на Претседателството на Фото сојузот на Македонија.



Според богатиот дневен ред се покажа дека ова беше важен состанок за Фото сојузот.
Ако се остварат сите проекти кои се предвидени за годинава, 2008 ќе биде добра година за фотографијата во Македонија.


Ц.Гавровски

Според Програмата за работа во 2008 година што беше усвоена (огромна заслуга на претседателот на ФСМ - Цветан Гавровски FIAP L.O.), годинава би требало да фотографираме, да учествуваме на конкурси за изложби на фатографија во Македонија и странство, да го архивираме нашето фотографско богатсво (фотографии на членовите на ФСМ), да го збогатуваме нашето членство...

Што не очекува оваа 2008 година?
1. ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ФОТОГРАФИЈА '08
- 46-та Државна изложба на фотографии
- 46-ТА Државна младинска изложба на фотографии
- Изложба на автори кои претходната година се стекнале со уметнички звања во ФСМ или во Светската Федерација на Фотографија (ФИАП), чија членка е ФСМ од 1995 година
2. КОЛЕКЦИЈА НА ТРАДИЦИОНАЛНОТО ФОТОГРАФСКО ТВОРЕШТВО ВО МАКЕДОНИЈА
- Комплетна заштита, архивирање и чување на изложбени фотографии собирани од 1948 година до денес – дела на фотографите – членови на ФСМ
- Изготвување на алманaх на фотографијата во Македонија
3. УЧЕСТВО НА СВЕТСКОТО БИЕНАЛЕ НА ФОТОГРАФИЈАТА
- Од 22-30 август 2008 година во Словачка ќе се одржи Светското биенале на црнобела фотографија во организација на ФИАП и Словачкиот фото сојуз. Македонија традиционално учествува на ова биенале и секогаш освојува високи позиции
4. ФОТОМЕДИА ' 08
- Реактивирање на Фотомедиа – најзначајната меѓународна фотографска манифестација во Македонија, којашто не беше организирана во 2006 година затоа што ФСМ тогаш не доби никакви средства за организација на изложбата...
5. МАКЕДОНСКИ АВТОРИ НА ФИАП ИЗЛОЖБИ
- Организирана селекција и испраќање на фотографии од наши автори на ФИАП изложбите


Б.Рудиќ


Претседателството на ФСМ



МАНУ подготвува промоција на монографијата “Историја на културата на Македонија – фотографија“



Душан ДОЦЕВСКИ од ФК “Козјак“ Куманово – е избран за нов секретар на ФСМ.


Д.Доцевски

Last, but not least - ФК ФОТОГРАФИКА – стана нов член на Фото сојузот на Македонија.
Добредојде им посакува ФКК Чкрап! од Тетово!





Веднаш по отворањето на Македонскиот центар за фотографија, агилниот Роберт Јанкулоски заедно со модераторот Валентино Димитровски, историчар на уметноста, ја подготвија и одржаа Конференцијата со интригантен наслов – “ФОТОГРАФИЈАТА – ДЕЛ ОД УМЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ“.

Во петок на 7 март 2008 година, угледниот гостин од Швајцарија г. Урс Штахел, директор и куратор на Фотомузејот од Винтертур во Швајцарија на учесниците на Конференцијата им ја претстави оваа угледна институција. Фотомузејот се наоѓа во Винтертур, мало место оддалечено половина час возење од Цирих, надвор од градскиот центар и главните случувања во уметноста. Но тоа е само географски така. Фотомузејот со буџет од “само“ милионипол евра годишно и јасно профилиран концепт на работа под водство на Урс Штахел, за само 15-тина години израснал во едно од главните места за промоција на фотографијата во Швајцарија и надвор од неа.





Сепак, главниот настан на Конференцијата беше во сабота, 8 март 2008 година. Програмата, предавањата и евентуаланата дискусија (полемика), требаше да траат 6 часа иако темата заслужуваше можеби 3-4 дена.

Темата - “ФОТОГРАФИЈАТА – ДЕЛ ОД УМЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ“ тоа сигурно го заслужува. Но, можеби пресуден фактор за шестчасовниот пресинг што ни го подготвија предавачите-излагачите (сите до еден со “дебели“ уметнички биографии), изгледа беше можноста да се искористи присуството на угледните гости од странство (воедно и предавачи на Конференцијата).

Низ сите излагања и презентации се потенцираше дека фотографијата обилно се користи како медиум, помошно средство, додаток, инспирација, техника... – на самостојни уметнички проекти (што всушност беше и темата на Конференцијата).
Некои од излагачите нагласуваа дека фотографијата како самостоен медиум воопшто не ги интересира, а некои од нив, иако фотографи, ја користат како дел од концептот на своите дела.

Учесници на Конференцијата беа:

Урс Штахел – директор и куратор на Фотомузејот во Винтертур – Швајцарија имаше извонредно излагање за пејсажот во фотографијата. Како тој (пејсажот) се менувал во текот на историјата на фотографијата и каков е односот на фотографите кон него со сите импликации во третиов милениум.





Проф. М-р Ѓорѓе Одановиќ - фотограф, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, Србија и Проф. М-р Гордана Каљаловиќ - ликовен уметник, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, Србија се претставија со дел од своите фотографско-ликовни проекти и начините на кои тие ја користат фотографијата во своите трудови.







За предавачите-излагачите од Македонија може да се каже дека беа меѓу најквалитетните од домашната понуда кога станува збор за темата на Конференцијата.

Роберт Јанкулоски - фотограф и директор на МЦФ, (кој јавно “призна“ дека е фотограф иако и тој ја користи фотографијата како дел од концептите што ги развива, а неколку сегменти од тие концепти беа дел од неговото излагање),









Проф. М-р Елизабета Аврамовска - ликовен уметник, професор на архитектонскиот факултет во Скопје, Оливер Мусовиќ - ликовен уметник од Скопје и Јане Чаловски - ликовен уметник, уметнички директор на Press to exit project space, (кои се “пофалија“ дека нив и не ги интересира фотографијата како медиум, туку само ја (ис)користуваат во своите дела и проекти), исто така прикажаа делови од своите трудови што имаат допирни точки со фотографијата, проследени со исцрпни коментари од нивна страна,










© yane calovski

Проф Д-р Небојша Вилиќ - историчар на уметноста, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и Валентино Димитровски - историчар на уметноста, (и двајцата понудија аргументи дека фотографијата одамна го достигнала својот зенит како самостојна уметничка форма и веќе некое време се губи нејзиниот идентитет и се повеќе се појавува како “add on” на други уметнички форми и начини на изразување).





Од другата страна на катедрата се наоѓаше едно шаренолико, љубопитно друштво составено од студенти, фотографи, дизајнери, млади, едноставно луѓе кои што понудената тема навистина ги заинтригира. На тие што колку-толку ги следат приликите во светот на уметноста и воопшто во современото општество, јасно им е дека живееме во време на семплови, во време на рециклирање на реалноста (и уметноста), во време на миксирање на формите, медиумите и начините на (уметничкото) изразување. Затоа ним и не им е чудно што фотографијата се користи на начини кои беа посочени во дискусиите. На оние другите, на кои можеби се уште не им е баш јасно што се случува, кои очекуваа панегирици за ФОТОГРАФИЈАТА, можеби Конференцијата им остави горчливо чувство во грлата, а на лицата им се читаше: “PHOTOGRAPHY – R.I.P”.













Бев присутен и ги разбирам и едните и другите. Уживав во излагањата и сознанијата на какви се начини се (мал)третира, се користи, се работи, се прикажува и се ужива фотографијата. За мене, а се надевам и за мнозинството од присутните, Конференцијата беше многу инспиративна. Ако не друго, секој од нас ќе си постави неколку нови прашања за тоа што е всушност фотографијата. Каде е нашето место во тој креативен океан едноставно наречен – ФОТОГРАФИЈА. Ако дел од одговорите се изродат во некој нов уметнички (арт) производ, концепт, дизајн или (со извинување на авторите кои ја отпишаа старата, добра “straight” фотографија) не дај боже некоја обична, класична изложба на фотографии – може да кажеме дека Конференцијата успеа, а Македонскиот центар за фотографија роди здраво и напредно фото-новороденче!

P.S. Дека Конференцијата беше навистина cool, зборува и податокот што поимот “Photoshop” беше спомнат само еднаш, и тоа во дискусијата по завршување на излагањата, а термините: интернет, фото-портал, идивиди, мегапиксел и слични на нив – ниту еднаш! Аферим!



Поздрав од Чкрап! и довидување до некој нов “концепт“ на фотографијата!





6 март 2008 година може да биде многу значаен датум за фотографијата во Македонија.

Во Мултимедијалниот центар Мала станица - Национална галерија на Македонија е отворен Македонскиот центар за фотографија во рамките на проектот Поинаков поглед кој е поддржан од Швајцарската програма за култура во Македонија.

Во центарот работи мал, но способен и уигран тим на чело со Роберт Јанкуловски.

Центарот располага со изложбен простор (кој може да се користи и за предавања), комплетно опремени аналогна и дигитална фотолабораторија...



















Идејата на Ценарот е да прерасне во Академија за фотографија.
За тоа ги има сите услови.

Веднаш по отворањето планирани се активности (претставуивање на Фотомузејот од Винтертур - Швајцарија и меѓународна конференција на тема - Фотографијата - дел од уметнички концепт).

Со желби са успешна работа на Центарот се придружуваме и ние од Чкрап!





Leap of Faith Together е проект на Британскиот совет во Македонија во соработка со Младинската мрежа Блу скај, чија цел е да покаже како младите позитивно влијаат во локалната заедница.

Дваесет и седум млади автори посетуваа фотографска работилница со Иван Блажев на тема “Младите влијаат“ во текот на три седмици. Резултатот е оваа изложба на фотографии што беше отворена на 6 март 2008 година во Културниот центар Точка во Скопје. Со купување на фотографиите го помагате Училиштето за деца со оштетен вид “Димитар Влахов“ во Скопје.













Убава идеја и одлична реализација.


За нас

Последни постови

Архива

Фотографија

Македонија

Relax


ATOM 0.3


check out the Chkrap! swicki at eurekster.com Stumble It!