Foto Kino Klub TETOVO - Photo Cinema Club TETOVO - FKK TETOVO - Chkrap






Од 27 до 29 мај 2011 година во с.Смрдлива Вода (Гевгелија), во организација на ФСМ и Народна техника на Македонија, со подршка на гостопримливите домаќини беше одржана фото школата за млади фотографи. Свои искуства ним им пренесоа Владимир Арсовски (техника на снимање модели со вештачко светло), Раде Луковиќ (пејсажна фотографија со модели), Драги Неделчевски (личен, субјективен поглед на фотографијата со осврт на теоријата за документарност во фотографијата) и Владимир Јовановски (дигитална обработка на фотографиите).

Во вечерните часови во Пионерскиот дом во Гевгелија пред бројната публика беше отворена изложбата на фотографии. Изложбата ја отвори градоначалникот на Гевгелија - Иван Франгов. Покрај наградите на најуспешните фотографи (Драги Неделчевски, Боро Рудиќ, Раде Луковиќ, Дејан Колевски, Владимир Арсовски, Сања Величковска, Татјана Ранташа, Димитар Апостолов, Сашо Алушевски, Владо Јовановски, Доријан Миловановиќ и Дарко Котевски), вечерта беа доделени звања на неколкумина фотографи од Македонија, Ф1 ФСМ за Владимир Секуловски, Сања Бутерин и Дарко Петровски и МФ ФСМ за Цветан Гавровски и Боро Рудиќ.

Просторот (холот) во Пионерскиот дом едноставно не беше достоен за најпрестижната изложба на фотографии во Македонија, а додека публиката чекаше изложбата да биде званично отворенана, една мала група (фотографи?) со инфантилна "циркузантска" точка се обиде да ја забави публиката (но таа, искрена, добродушна и дојдена да гледа фотографии, не обрна внимание на тоа...). Инаку, Гевгелија како град на културата за 2011 година веројатно изобилува со настани од културата, па можеби тоа е причината што ниту една локална ТВ не стигна на Изложбата да направи барем мал прилог за утринските вести...

Нејсе, догодина се 50-те, јубилејни Денови... па да (се) видиме!











































© Chkrap! * 2011




ПРОГРАМА НА ФОТО ШКОЛАТА ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ФОТОГРАФИЈА

С.СМРДЛИВА ВОДА - ГЕВГЕЛИЈА ЈУНИ 2011

Фото сојузот на Македонија ги поканува сите заинтересирани млади автори од целата земја да се пријават на Фото школата во с.Смрдлива Вода која ќе трае од 27. до 29. мај 2011 година, а во рамките на манифестацијата Денови на македонската фотографија 2011.

Се покануваат и сите фотографи од Македонија, поклоници на убавото, природата и разговорот – да дојдат во с. Смрдлива Вода наутро, во сабота, 28. мај на едно големо заедничко дружење и снимање, со што би се придружиле на младите учесници на фото-школата. Фото сојуз на Македонија ќе обезбеди ручек и пијалок за сите присутни! Сите заедно потоа би отишле на отворањето на изложбата Денови на Македонската Фотографија 2011.

Предавачи на оваа фото школа ќе бидат:

- Владимир Јовановски, Инструктор при ФСМ;

- Раде Луковиќ, Ф1 ФСМ;

- Владо Арсовски, професионален фотограф;

- Драги Неделчевски, фотограф

Накратко за темите, предавањата, предавачите…

Сите предавања се состојат од мал теориски дел, освен првото кое главно е теориско, од кој се очекува учесниците да стекнат основни информации за теоријата, правописот, техниките на фотографирање како и основни технички познавања, неопходни за ракување со фото-опремата.

Најголем дел од предавањата имаат и сериозен акцент на практичниот аспект, каде што се очекува учесниците да се стекнат со основни вештини кои се потребни при фотографирање. За потребите на фото-школата, овој пат, за потребите на една практична сесија, на фото-школата ќе присуствуваат и два професионални модели од агенцијата Црнокрак.

По сместувањето во петок навечер, ќе се одржи кратка воведна сесија за меѓусебно запознавање и запознавање со опремата за фотографирање, основни технички карактеристики, прашања од учесниците. Во сабота е можеби оној, најзабавниот дел, практична работа, фотографирање како и личното поимање на фотографијата. Додека во недела доаѓа крајната фаза, дигиталната обработка на снимените фотографии.

Предавањето на Драги Неделчевски се состои од споделување лични искуства со фотографијата. Овој аспект на фотографијата ретко се добива и на престижни и скапи фотографски катедри и можеби ќе биде најзначајниот бисер кој лесно се понесува како искуство од школата. Ќе се постават, конструираат и деконструираат претпоставките за тоа дали фотографијата е реална, директна, документарна, фактографска, вистинска или како што Драги претпоставува дека фотографијата е надреална, нестварна, фиктивна итн. Драги ќе зборува и за скриените значења на фотографијата, доколку постојат-кои се тие? Како сето тоа се рефлектира во нашето доживување, поимање или читање на фотографијата...

Секако ова предавање ќе биде зачинето и со прикажување на познати и не толку познати фотографии, анегдоти, приказни-предавање кое секако нема да ги остави учесниците рамнодушни и ќе ги инспирира на понатамошни размислувања.

Во фотографијата има многу прашања на кои од секогаш сте сакале да го знаете одговорот ама сте се срамеле да прашате. Особено околу техничкиот аспект. Можност, знаење и информации ќе добиете од предавањето и презентацијата на Владимир Арсовски, во која како поттик за прашања и дискусии ќе бидат следниве точки: снимање на модели на терен, вон студио, со вештачко светло и светлосни дифузери, работа со мали „hot shoe” блицеви и дифузери (Gary Fong, мали софт боксови), работа со рефлексни површини, работа со големи студиски блицеви со генератори и светлосни дифузери за нив (чадори, октагони...), ако светлосните услови се наклонети-цртање со светло.

Учесниците ќе имат можност да научат од споделувањето на дел од огромното искуство и практични знаења на Раде Луковиќ во сесијата која ќе се добијат конкретни и индивидуализирани задачи за снимање на пејсажна фотографија со вметување на модел, креиран сет за снимање, планирање, реализација и коментари за снимените фотографии.

Секако, во денешно време скоро ниедна фотографија не може а да не помине процес на дигитална обработка. Основни и напредни знаења околу дигиталната обработка на фотографиите, снимени за време на претходните сесии, Adobe Photoshop, учесниците ќе добијат од инструкторот при ФСМ, Владимир Јовановски.

Извор: Фото Сојуз на Македонија

© Chkrap! * 2011





На жирирањето на овогодинешното издание на Денови на македонската фотографија, одржано во галеријата на КИЦ, трочленото жири во состав: Цветан Гавровски, Александар Кондев и Душко Доцевски, од пристигнатите 297 фотографии одбра 110 и ги додели следниве награди: Во категорија колекции - I награда за Драги Неделчевски, II за Боро Рудиќ и III Раде Луковиќ, а дипломи добија: Дејан Колевски, Владимир Арсовски и Сања Величковска. Во категорија поединечни фотографии награди добија: I Татјана Ранташа, II Димитар Апостолов и III Сашо Алушевски, додека со дипломите беа наградени трудовите на Владо Јовановски, Доријан Миловановиќ и Дарко Котевски.

Честитки за наградените и прифатените автори и фотографии!

















© Chkrap * 2011





На 7 мај 2011 година, сабота, во просториите на Институтот за развој на заедницата (Народна техника) во Тетово, во организација на Фото групата “Чкрап!“ од Тетово, предавање за фотографијата како феномен на денешното време ќе одржи Александар КОНДЕВ, професионален арт и комерцијален фотограф од Скопје.
За неговата професионална биогарфија повеќе тука.

Ги покануваме сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за овој глобален, современ феномен, да дојдат на ова предавање и да го слушнат искусниот КОНДЕВ, кој што ќе се обиде на интересен, информативен и забавен начин да ја доближи фотографијата до оние кои што првпат се среќаваат со неа, како и до оние поискусните, веќе изградени фотографи.

Почеток: 11.00 часот

*****

Александар Кондев пред фотографите од “Чкрап!“, волонтерите од ИРЗ и други млади љубители на фотографијата 3 часови зборуваше за фотографијата, уметноста и нивната поврзаност. Зборуваше за потребата да се има свој став, да се издржи на својот (фотографски) израз и едноставно да се живее со и за фотографијата. Сето тоа го кажа во еден здив, инспиративно, духовито, поврзувајќи ги фотографијата, уметноста и животот во една целина. Фото групата “Чкрап!“ му се заблагодарува на А.Кондев за подршката и предавањето.





















© Chkrap! * 2011


За нас

Последни постови

Архива

Фотографија

Македонија

Relax


ATOM 0.3


check out the Chkrap! swicki at eurekster.com Stumble It!