Foto Kino Klub TETOVO - Photo Cinema Club TETOVO - FKK TETOVO - Chkrap






Фото сојузот на Македонија ги повикува сите фотографи од Македонија (членови на фото клубовите и Фото сојузот, професионалците, аматерите и самостојните автори), да учествуваат во создавање на Колекција на фотографии што ќе ја претставуваат Република Македонија на фотографските манифестации во светот.

Темата и техниката на изработка е слободна.
Фотографиите со големина до 30х40 см, на црно паспарту со димензии 40х50 см, да се достават до Фото сојузот на Македонија во Скопје, Градски Ѕид број 5, 1000 Скопје, (лично или по пошта), најдоцна до 25 април 2007 година.

Избор на фотографиите што ќе влезат во националната колекција ќе го направи уметничкиот совет на Фото сојузот на Македонија.

За Фото сојузот на Македонија
Претседател,
Цветан Гавровски, FIAP L.O.

Скопје, 28 март 2007





Тетовските фотографи Драги Неделчевски, Зоран Андонов и Самир Љума и се претставија на скопската публика.
На 6 март 2007 во МКЦ изложија околу 50-ина фотографии од поновата продукција...



Во каталогот од изложбата, FIAP L.O. Цветан Гавровски (претседател на Фото сојузот на Македонија), напиша:

Минаа повеќе години, кога прв пат гледав фотографии од Драги Неделчевски и Зоран Андонов и многу помалку години од времето кога прв пат видов фотографии на самир Љума. Ниту барав ниту можев да видам нешто што ги поврзува нивните “гледања“, начинот на размислување, тематски интерес... Беа, сосем различни, а доаѓаа од исто опкружување, работеа во ист клуб, веројатно најчесто минуваа низ исти улици..., гледаа или среќаваа исти луѓе... Денес, кога ги пишувам овие редови знам дека не е сосем така. Има значајни нешта што ги поврзуваат...



Драги Неделчевски (1958), дипломиран правник по професија, е арт фотограф и фотографски истражувач по вокација, во вистинска смисла на зборот. Од студентски денови има привилегија да се дружи со неговата “Практика ЛБ2“, но и со многу книги за фотографијата. Основач е на Фото-кино студиото при Домот на културата во Тетово (1980) и носител на еден нов дух и нови идеи во Фото-кино клубот “Чкрап“ Тетово (2003). Уверен сум дека неговиот фотографски израз, многу близок до новите можности на неконвенционалната фотографска концепција, претходеше на сознанијата и класичниот начин на примање на креативната фотографија кај добар дел од членовите на жиријата или селекторите на изложбите кај нас. Токму затоа, е изненадување, што овој автор својот најзабележителен успех го потврди на меѓународни изложби (Одеса, Украина, меѓународна награда за експериментална фотографија, 2004 година).
Во трите цилкуси, на оваа изложба, Неделчевски со своите авторски истражувања визуелно ги поставува филозофските прашања за тоа што е фотографијата или што не е. Со одважна смелост дава на показ емотивна атмосфера во своето семејство видено на еден ненаративен начин, туку сосем поинаков начин и со циклусот “полулица“, како колерати на лично видување на односот човек-поглед, реалност-имагинација, око-камера...



Зоран Андонов (1959), новинар и фоторепортер, долги години е посветен на репортерската
фотографија. Фотографијата е негова преокупација уште од 1987 година. Од 2001 е поборник на новите фотографски техники, не робувајќи долго на конзервативните ставови во тоа време кај нас за класичниот технички пристап како незаменлив во фотографијата. Активен член на Фото-кино клубот “Чкрап“, неговиот фотографски пристап не е правење фотографии за актуелните настани по нарачка, туку тој е многу повеќе од обележувач на невообичаени настани од нашето опкружување. Позначајните политички настани видени со неговата камера се доживуваат поинаку, често пати и со доза на сарказам. Андонов е автор, на кого му се блиски и мотивите со човек во амбиентот на сопственото секојдневие, најчесто во рурално опкружување, но исто така тој е и препознатлив по забележителни творби на пригоди во амбиент на нескриен гламур.



Самир Љума (1978), проект менаџер и фотограф, активен член на Фото-кино клубот “Чкрап“. Неговите првични посериозни успеси во фотографијата се совпаѓаат со неговите почетоци на активно бавење со фотографијата (2003). Несомнено успехот на отворените конкурси на меѓународните салони на фотографија во Одеса, потоа 21-то ФИАП биенале на колор фотографија во Луксембург (2004), потоа ФИАП биеналето на црно-бела фотографија во Кина (2006), на изложба во Падова, Италија се признание за неговиот пристап кон фотографијата. Портретот е најблизок мотив и воедно негова најчеста преокупација. За разлика од бројни фотографи, посветени на портретот, кои се определуваат за портрети на “важни“ и “славни“, Љума успешно ја огбегнува замката на интриганство и прави впечатливи портрети на обичниот човек.










Напорот, на обичните нешта од нашето секојдневие, на минливите и најчесто незначајни моменти за нашето гледање, да се даде една сосем лична димензија, која најчесто се доживува лично, но може да биде впечатлива и кое ќе не наведе на размислување е привилегија на упатените во фотографијата. Токму тоа е она што ги поврзува Неделчевски, Андонов и Љума, а не тоа што се членови на Фото-кино клуб со необично име “Чкрап“, секако препознатливо и по нивното творештво.



Му благодариме на Георги Шарески Трио за прекрасната свирка.



Им благодариме на сите наши пријатели (и колеги од Chkrap!),што ја посетија изложбата и ова наше фотографско доживување го направија уште поголемо.

Им благодариме на Цветан, Зорица, Маринко и МКЦ за организацијата на изложбата.

Им благодариме на нашите семејства за подршката.

До следната изложба...

© Chkrap!* 2003-2007


Конечно, "Chkrap!" во Скопје!

links to this post 0 comments



Околу 50-ина фотографии ќе бидат изложени во галеријата на МКЦ во Скопје, на 6-ти март 2007 година во 20.00 часот. Додека ги разгледувате фотографиите од Драги Неделчевски, Зоран Андонов и Самир Љума, од Фотокино клубот ТЕТОВО - “Чкрап!“, за ваше подобро расположение ќе се погрижи Триото на Георги Шарески.
Фотографија и Jazz.
Повелете! Ве чекаме малку порано, а отворањето е точно во 20.00 часот!

All photographs are accurate! None of them is the truth! Richard Avedon

© Chkrap!*2003-2007


За нас

Последни постови

Архива

Фотографија

Македонија

Relax


ATOM 0.3


check out the Chkrap! swicki at eurekster.com Stumble It!