Foto Kino Klub TETOVO - Photo Cinema Club TETOVO - FKK TETOVO - Chkrap



ФОТОГРАФИЈАТА – ДЕЛ ОД УМЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ


E-mail this post



Remember me (?)



All personal information that you provide here will be governed by the Privacy Policy of Blogger.com. More...





Веднаш по отворањето на Македонскиот центар за фотографија, агилниот Роберт Јанкулоски заедно со модераторот Валентино Димитровски, историчар на уметноста, ја подготвија и одржаа Конференцијата со интригантен наслов – “ФОТОГРАФИЈАТА – ДЕЛ ОД УМЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ“.

Во петок на 7 март 2008 година, угледниот гостин од Швајцарија г. Урс Штахел, директор и куратор на Фотомузејот од Винтертур во Швајцарија на учесниците на Конференцијата им ја претстави оваа угледна институција. Фотомузејот се наоѓа во Винтертур, мало место оддалечено половина час возење од Цирих, надвор од градскиот центар и главните случувања во уметноста. Но тоа е само географски така. Фотомузејот со буџет од “само“ милионипол евра годишно и јасно профилиран концепт на работа под водство на Урс Штахел, за само 15-тина години израснал во едно од главните места за промоција на фотографијата во Швајцарија и надвор од неа.





Сепак, главниот настан на Конференцијата беше во сабота, 8 март 2008 година. Програмата, предавањата и евентуаланата дискусија (полемика), требаше да траат 6 часа иако темата заслужуваше можеби 3-4 дена.

Темата - “ФОТОГРАФИЈАТА – ДЕЛ ОД УМЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ“ тоа сигурно го заслужува. Но, можеби пресуден фактор за шестчасовниот пресинг што ни го подготвија предавачите-излагачите (сите до еден со “дебели“ уметнички биографии), изгледа беше можноста да се искористи присуството на угледните гости од странство (воедно и предавачи на Конференцијата).

Низ сите излагања и презентации се потенцираше дека фотографијата обилно се користи како медиум, помошно средство, додаток, инспирација, техника... – на самостојни уметнички проекти (што всушност беше и темата на Конференцијата).
Некои од излагачите нагласуваа дека фотографијата како самостоен медиум воопшто не ги интересира, а некои од нив, иако фотографи, ја користат како дел од концептот на своите дела.

Учесници на Конференцијата беа:

Урс Штахел – директор и куратор на Фотомузејот во Винтертур – Швајцарија имаше извонредно излагање за пејсажот во фотографијата. Како тој (пејсажот) се менувал во текот на историјата на фотографијата и каков е односот на фотографите кон него со сите импликации во третиов милениум.





Проф. М-р Ѓорѓе Одановиќ - фотограф, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, Србија и Проф. М-р Гордана Каљаловиќ - ликовен уметник, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, Србија се претставија со дел од своите фотографско-ликовни проекти и начините на кои тие ја користат фотографијата во своите трудови.







За предавачите-излагачите од Македонија може да се каже дека беа меѓу најквалитетните од домашната понуда кога станува збор за темата на Конференцијата.

Роберт Јанкулоски - фотограф и директор на МЦФ, (кој јавно “призна“ дека е фотограф иако и тој ја користи фотографијата како дел од концептите што ги развива, а неколку сегменти од тие концепти беа дел од неговото излагање),









Проф. М-р Елизабета Аврамовска - ликовен уметник, професор на архитектонскиот факултет во Скопје, Оливер Мусовиќ - ликовен уметник од Скопје и Јане Чаловски - ликовен уметник, уметнички директор на Press to exit project space, (кои се “пофалија“ дека нив и не ги интересира фотографијата како медиум, туку само ја (ис)користуваат во своите дела и проекти), исто така прикажаа делови од своите трудови што имаат допирни точки со фотографијата, проследени со исцрпни коментари од нивна страна,










© yane calovski

Проф Д-р Небојша Вилиќ - историчар на уметноста, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и Валентино Димитровски - историчар на уметноста, (и двајцата понудија аргументи дека фотографијата одамна го достигнала својот зенит како самостојна уметничка форма и веќе некое време се губи нејзиниот идентитет и се повеќе се појавува како “add on” на други уметнички форми и начини на изразување).





Од другата страна на катедрата се наоѓаше едно шаренолико, љубопитно друштво составено од студенти, фотографи, дизајнери, млади, едноставно луѓе кои што понудената тема навистина ги заинтригира. На тие што колку-толку ги следат приликите во светот на уметноста и воопшто во современото општество, јасно им е дека живееме во време на семплови, во време на рециклирање на реалноста (и уметноста), во време на миксирање на формите, медиумите и начините на (уметничкото) изразување. Затоа ним и не им е чудно што фотографијата се користи на начини кои беа посочени во дискусиите. На оние другите, на кои можеби се уште не им е баш јасно што се случува, кои очекуваа панегирици за ФОТОГРАФИЈАТА, можеби Конференцијата им остави горчливо чувство во грлата, а на лицата им се читаше: “PHOTOGRAPHY – R.I.P”.













Бев присутен и ги разбирам и едните и другите. Уживав во излагањата и сознанијата на какви се начини се (мал)третира, се користи, се работи, се прикажува и се ужива фотографијата. За мене, а се надевам и за мнозинството од присутните, Конференцијата беше многу инспиративна. Ако не друго, секој од нас ќе си постави неколку нови прашања за тоа што е всушност фотографијата. Каде е нашето место во тој креативен океан едноставно наречен – ФОТОГРАФИЈА. Ако дел од одговорите се изродат во некој нов уметнички (арт) производ, концепт, дизајн или (со извинување на авторите кои ја отпишаа старата, добра “straight” фотографија) не дај боже некоја обична, класична изложба на фотографии – може да кажеме дека Конференцијата успеа, а Македонскиот центар за фотографија роди здраво и напредно фото-новороденче!

P.S. Дека Конференцијата беше навистина cool, зборува и податокот што поимот “Photoshop” беше спомнат само еднаш, и тоа во дискусијата по завршување на излагањата, а термините: интернет, фото-портал, идивиди, мегапиксел и слични на нив – ниту еднаш! Аферим!



Поздрав од Чкрап! и довидување до некој нов “концепт“ на фотографијата!


0 Responses to “ФОТОГРАФИЈАТА – ДЕЛ ОД УМЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ”

Leave a Reply

      Convert to boldConvert to italicConvert to link

 


За нас

Previous posts

Архива

Фотографија

Македонија

Relax


ATOM 0.3


check out the Chkrap! swicki at eurekster.com Stumble It!