74-ти Светски фестивал на непрофесионален филм
Македонија со најзабележителен успех досега – четири вредни награди за
македонските автори
На 74-тото издание на фестивалот на УНИКА (светска асоцијација за непрофесионален
филм), кој оваа година се одржа во Русе, Бугарија, во периодот од 25.08 до 02.09.2012
година, македонските автори постигнаа досега најголем успех откога Македонија е
членка на оваа светска филмска асоцијација, која е дел од UNESCO и чие годишно
фестивалско издание вклучува претставување на националните селекции на филмови
од 34 земји членки од целиот свет. Секоја година, Македонија е претставена преку Кино
сојузот на Македонија – организација која е членка на УНИКА од 1996 година. Местото на
одржување на фестивалот на УНИКА ротира секоја година помеѓу земјите членки
(повеќе за УНИКА може да се види на официјалната веб-страна:
www.unica-web.com).
Жирито на фестивалот беше составено од седум членови, од седум различни земји,
меѓу кои беше и нашиот добро познат филмски автор Петре Чаповски.
Сребро и бронза за Македонија
Оваа година, македонската селекција на филмови успеа да освои еден од неколкуте
сребрени медали, што е за прв пат откога Македонија партиципира на овој светски
фестивал. Филмот „АЛАРМ“ на авторот Ана Алексовска, студент по филм на академијата
ЕСРА, успеа да се избори за сребрен медал, и да биде дел од десетината филмови кои
успеа да го достигнат среброто (во конкуренција од 136 филмови). Со медал во главната
конкуренција (главната програма) на фестивалот се здоби и авторот Ирина Николовска
со филмот „СЕЌАВАЊА“, кој успеа да добие бронзен медал. Комплетната листа на
медали во главната конкуренција може да ја видите на:
http://unica-web.com/archive/2012/competition/films2012result.htm
Секоја година жирито доделува по неколку златни, сребрени или бронзени медали во
зависност од конкуренцијата. Оваа е пред сè поради тоа што на овој фестивал учество
земаат национални селекции на филмови – филмови кои претходно биле избрани за
претставници во своите земји. Со други зборови, главната програма претставува
најдоброто од најдобрите од непрофесионалните (некомерцијалните) филмови за
годината.
Трета награда за едноминутнен македонски филм
Во рамките на секое годишно издание на фестивалот на УНИКА, се одржува и Светскиот
куп за едноминутни филмови. Овој куп претставува посебна конкуренција, и на него
право да учествуваат имаат само филмовите кои траат не повеќе од една минута.
Самиот куп го претставува врвот на едноминутниот филм, бидејќи на него земјите
членки го пријавуваат својот најдобар кандидат во оваа категорија на филмови.
Гласањето и одлучувањето во оваа конкуренција се одвива исклучиво преку публиката.
Оваа година, во овој куп, македонскиот филм „ПОРАНО МОЖЕВМЕ ДА ЈА ДОПРЕМЕ
МУЗИКАТА“ на авторот Мице Чаповски од Академскиот кино клуб од Скопје, успеа да го
освои третото место, што е прв пат македонски филм да освои награда на овој куп за
едноминутни филмови. Овој филм успеа да ги освои симпатиите и реакциите на
публиката, кои одлучија да му го доделат третото место на нашиот автор.
Почесна диплома
На фестивалот оваа година, во главната конкуренција Македонија исто така доби и
почесна диплома, за филмот „СВЕТОТ“ на младиот автор Марина Трајковска. Почесната
диплома се доделува за филмовите што се издвоиле со одредени карактеристики, и
претставува значајно признание кое е едно ниво пониско од бронзениот медал во
главната програма.
Останатите претставници од Македонија беа: Стефан Сидовски со филмот „МИГ НА
СРЕЌА“, Јетон Селими и Кренар Драла со „НЕ СИ ИГРАЈТЕ СО ЛУЃЕТО“ и Љупчо
Петровски со „МОЈОТ ЖИВОТ“.
Годинашното издание на фестивалот дефинитивно ќе го памети и хрватскиот автор
Ивица Мушан, кој со својот филм „РУЧЕК“ ја понесе наградата за најдобар филм на
фестивалот (највисокото признание на фестивалот), додека хрватската селекција на
филмови беше избрана за најинтересна за оваа година.
© Chkrap!*2012
0 Responses to “UNICA 2012, Русе, Бугарија - четири вредни награди за македонските автори”
Leave a Reply