Фото група “Чкрап!“- Тетово
Во далечната 1980 година Илија Милановски, Драги Неделчевски и Зоран Андонов, во Домот на културата “Иљо Антески – Смок“ од Тетово, со менторство на академскиот сликар АЛЕКСАНДАР НАСТЕСКИ, раководител на Ликовното ателје при Домот на културата, го основаа Фотокино Студиото.
Во 2001 година, на почетокот на 21-от век, Фотокино Студиото (неговите членови и сета нивна опрема) беа исфрлени од просториите на Домот на културата. Фотографите останаа без фото лабораторија, без простор за работа и изложување фотографии...
Драги Неделчевски и Зоран Андонов, заедно со Самир Љума, со поттик и помош од нивните пријатели – фотографи од Скопје, тогашниот претседател на Фото сојузот на Македонија – Цветан Гавровски и секретарот на Кино сојузот на Македонија – Роберт Јанкуловски, кон крајот на 2003 година го основаа Фотокино клубот “ТЕТОВО“. Веќе во 2004 година клубот го смени името во Фотокино клуб “Чкрап!“ од Тетово, а денес тоа е Фото групата „Чкрап!“ од Тетово. За претседател на клубот беше избран Драги Неделчевски, а за секретар беше избран Самир Љума. Миодраг Николиќ – Панта беше избран за почесен член на “Чкрап!“, а клубот му додели признание за неговото фотографско дело. Во април 2004 година во Основното музичко училиште “Тодор Скалоски – Тетоец“ од Тетово беше организирана првата заедничка изложба на фотографии на членовите на клубот.
За неколку години “Чкрап!“ стана важен дел од фотографското живеење во Тетово и Македонија. Повеќе членови на “Чкрап!“ постигнаа големи успеси на изложбите на фотографија во Македонија и во странство, освојувајќи награди со своите фотографии.
Покрај Драги Неделчевски, Зоран Андонов, Самир Љума, имињата на Давор Спасоски, Ѓорѓи Ристоски, Дарко Наумовски, Мирче Новаковски, Александар Стојановски-Цули, Мимоза Велиу, Боби Дојчиновски, Зоран Бојаџиески, Андреа Ѓорѓески, Борче Сиљјаноски, Сашо Тоиќ, и многу други (млади фотографи) се почесто се спомнуваат на македонската фотографска сцена, а во поново време тука се и Гоце Димитриевски, Елена Трпчевска, Игор Ѓорѓевски, Сашко Илов – Дете, Томе Наумовски, Александра Новеска, Мери Каталиниќ, Филип Трпески и Дијана Богдановска.
Од 2004 година до денес, секоја година, во месец декември се одржува годишната изложба на фотографии на членовите на клубот. Таа стана веќе традиционална и секогаш го привлекува вниманието на медиумите и публиката. Клубот активно соработува и со другите фотоклубови од Македонија, Фото сојузот на Македонија, Кино сојузот на Македонија, Македонскиот центар за фотографија...
Фотографите од Фотокино клубот “Чкрап!“ од Тетово и во 2012 година продолжуваат да живеат со фотографијата и за фотографијата, ги следат современите трендови, ги подигаат стандардите во визуелната култура... а сето тоа го прават скромно и тивко, а со “чкрапањето“ на своите фотокамери оставаат трајни траги во македонската фотографија.
Од 2004 “Чкрап!“има и свој блог на http://www.chkrap.blogspot.com.
***
© Драги Неделчевски*2012
Отворање на изложбата на фотографии на Фото групата „Чкрап!“ од Тетово е на 15 декември 2012 година, во 19.00 часот, во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
Повелете!
© Chkrap! * 2012
0 Responses to “Countdown - Fotografii 2012”
Leave a Reply